Основни принципи во вршење на детективската дејност

Под принцип на детективска дејност се подразбираат најопшти основни правила според кои детективот e должeн да постапи во секојдневниот живот, како и во вршењето на својата работа во рамките на законската надлежност.
Клучни принципи на приватната детективска дејност се: Принцип на законитост, принцип на планирање, принцип на методичност и оперативност на детективската дејност, принцип на координација и соработка, принцип на тајност, принцип на вистинитост и објективност, принцип на детективска еткиа, принцип на доверба и коректност, принцип на стручно усовршување и принцип на хуманост.
- Принцип на законитост
Претставува универзално начело во работата на државните органи, но и обврска на сите недржавни субјекти. Во тој контекст, принципот на законитост укажува на тоа дека вршењето на детективската дејност мора да се раководи од позитивни прописи (Устав и закони) кои ја уредуваат детективската дејност. Приватниот детектив мора да ги следи важечките законски и подзаконски прописи, како и другите правни акти кои имаат допирни точки со вршењето на детективската дејност. Приватниот детектив мора да знае како да собира податоци и информации на законски начни и со тоа истите би биле валидни и употребливи во дадени постапки од значање за нарачателот на детективската услуга. Покрај познавањето на општите законски услови, големо значање има и познавањето на матерјалното и процесното кривчно право (Кривичниот закон, Закон за кривична постапка), како и други закони кои се поврзани со детективската дејност, на пример, Закон за полиција, Закон за разузнавачко - безбедносни агенции и други прописи.
- Принцип на планирање, оперативност и методичност
Детективската дејност треба систематски и континуирано да се планира од почеток до крај. Приватниот детектив самостојно или во соработка со другите учесници во детективската дејност мора на почетокот да ги дефинира прашањата на кои треба да добие одговор и да планира верзија во врска со можниот одговор. Детективската агенција и детективите треба да ги одредат правците, стратегијата и тактиката на дејноста, а тоа подразбира планирање на роковите за извршување и потребата од употреба на технички средства. Според принципот на оперативност, треба да се има предвид дека пoимот оператива означува брзина, експедитивност и точност во извршувањето на одредена работа, а доаѓа од латинскиот збор operativus (практичен работник). Овој принцип подразбира способност и спремност на детективот да се прилагодува на објективната стварнст која е условена во извршување на детективската дејност (оперативна ситуација, време, простор).
- Принцип на кординација и соработка
Успешната детективска дејност денес не е ограничена да се реализира само на локално ниво, постојат и детективски дејности кој не познаваат просторна ограниченост или каква било административна граници. Поради тоа во одредени ситуации потребно е приватниот детектив да дејствува на широк простор за да прибере релеватни податоци и информации за потреба на клиентот. Кординација и соработка на приватните детективи се остварува со непосредни контакти и меѓусебна размена на информации. Во одредени ситуации, а во зависност од детективската активност и територјалната распространетост, може да се организира заедничка тимска работа на повеќе приватни детективи и детективски агенции.
- Принцип на тајност (чување на деловна тајна)
Принципот на тајност е еден од основните принципи на кои треба да се придржуваат приватните детективи. Во тој контекс  на чувањето деловна тајна, приватниот детектив има обврска да се придржува на пропистите во согласност со Законот за заштита на личните податоци. Принципот на чување деловна тајна гарантира законска и објективна работа на приватните детективи и дава заштита на странките која се однесува на располагање со прибраните податоци во текот на извршувањето на детективската дејност. Приватниот детектив има обврска да ја чува деловната тајна затоа што во спротивно може кривично да одговара.
- Принцип на објективност
Принцип на објективност бара од приватниот детектив реално и непристрасно планирање и преземање на мерки и активности за кои е законски овластен со цел извршување на преземените обврски на барање на нарачателот на услугата која произлегува од склучениот писмен договор. Тој принцип има допирни точки со начелото на законитост и придонесува за утврдување на вистината, што значи дека сите добиени податоци и информации и обезбедени докази од страна на детективот треба да бидат прибрани на објективен начин за да бидат точни и вистинити. Тоа подразбира обврска на приватниот детектив прво објективно и непристрасно да согледа што бара клиентот од детективот и дали тоа е во согласност со законот, сите податоци и информации да се собираат објективно без изразување на личните и субјективните интереси, како и на ист начин да се однесува за време на обработката и доставување на истите до нарачателот на услугата. Треба да се има предвид дека целта на детективската дејност мора да биде собирање на податоци и информации кои се веродостојни и вистинити. При прибирањето на податоци за нарачателот на услугата, приватниот детектив не смее да се раководи од необјективност, суета и одредени сопствени интереси. Детективот мора да биде воден од својата професионалност, стручност и детективските морални норми, што значи дека за време на својата работа треба да го елиминира секој вид на наклонетост кон кои било лица со кои доаѓа во контакт и објективно да ги согледа сите факти без пристрасност, користољубие или некои други аморални мотиви.
- Принцип на доверба и коректност
Принципот на доверба и коректност е еден од најзначајните принципи на детективската дејност. Приватниот детектив, покрај законското и објективно постапување, со својот коректен однос кон странките добива углед и доверба, што му овозможува придобивање странки т.е создавање услови за нови клиенти. Детективот мора прво да работи законски, па потоа со својата дејност и резултатите од работата и доброто однесување со клиентите да ја стекне нивната доверба и да го прошири обемот на својата работа. Стекнувањето доверба и коректно однесување е резултат на обврската на приватниот детектив да го запознае нарачателот на услугата за својата можност и детективското дејствување и предвремено да не ветува успех. Детективот во ниту една ситуација не смее да ја изневери довербата на нарачателот на услугата, а должен е да ја чува неговата тајна  и да ја почитува неговата приватност.
- Принцип на стручност и постојано усовршување
Приватниот детектив мора да биде стручен во извршувањето на детективската задача и постојано да се усовршува во извршување на сложени детективски задачи. Приватниот детектив мора да располага со знаење кое ќе му овозможи стручно и во согласност со законските и подзаконските прописи да преземе мерки во работата за која е овластен. Во таа смисла, детективот мора да има познавање и примена на криминалистичките методи во работењето и на оние методи кој ги применува полицијата, без разлика на тоа што не е овластен за преземањето. Таков широк круг на познавање овозможува целосно согледување на конкретни ситуациии и избор на најсоодветни мерки коиприватниот детектив може да ги примени во секој поединечен случај.
- Принцип на економичност
Принцип на економичност подразбира преземање само на оние мерки кои се потребни за успешно завршување на детективската дејност и кои не ја одложуваат својата дејност создавајќи непотребни трошоци за нарачателот на услугата. Примената на ова начело мора да биде во согласност со начелото на законитост и објективност, а тоа значи да детективот мора да ги преземе сите потребни мерки и мора да води сметка да бидат рационални и ефикасни во однос на решавање на конретниот случај. Договорот кој е направен со странката во насока на извршување одредени детективски дејности регулира цена на детективската услуга во конкретниот случај. Приватниот детектив должен е да ја извести странката за висината на услугата, начинот на плаќање и условите за евентуални измени на цената на услугата. Доколку во текот на работата детективот дојде во ситуација да собере одредени информации и докази чија вредност ја преминува договорената цена, должен е да побара надомест со објаснување во договор со странката. Согласноста од странката може да биде и усна, но важно е детективот да не може да ги зголемува трошоците кои не се договорени затоа што ивното зголемување без согласност од странката не е во согласност со начелото на економичност.
- Принцип на хуманост
Принципот на хуманост подразбира приватниот детектив во секое деjствување да постапи човечно, да ги преземе сите дозволени мерки согласно законските одредби и општите морални норми, да води сметка во извршување на договорената работа, не предизвикувајќи штетни последици по нарачателот на услугата или по трети лица. Приватниот детектив во својата работа не треба да ја омаловажува човечката личност и да ја загрозува безбедноста на човекот или да не ја почитува туѓата приватност и семејниот живот. Овој принцип има одредена врска со основните морални принципи во неговата примена и детективот е должен да се придржува до кодексот на детективска етика.